
Груевски на ФБ им се обрати на сопартијците да не тргуваат со неговата пресуда
Во затвор се влегува но и се излегува. Ова е само една од пораките на екс премиерот Никола Груевски испишана доцна во ноќта на неговиот Фејсбук профил во делот за неговата две годишна затворска казна. Но неговата потврдена пресуда се уште не е објавена на сајтот на Апелациониот суд, не е стигната ниту во Кривичниот, ниту кај странките. Како што самиот тврди, политичкиот суд го осудил, но сепак најави дека ќе ги искористи сите правни можности. Првата опција која веќе ја најавија адвокатите е преиспитување на пресудата кое ќе оди пред Врховниот суд. Тој не може да му го одложи одењето в затвор, но има повеќе опции за решение по барањето за преиспитувањето на осудителната пресуда.
Инаку Врховниот суд по барање за преиспитување на пресуда веќе има поништено казна за поранешени премиер Владо Бучковски осуден исто така на затвор за случајот „Тенковски делови“. Првата пресудата за Груевски во случај на СЈО пак доаѓа во време кога на чело на Врховниот суд е Јово Ванѓеловски. Тој веќе се обиде преку мнозинство од судии во неговиот суд да ги забрани прислушкуваните разговори да бидат докази на Специјалното овинителство. Исто така Врховниот суд дозволи тогашниот Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да се вмеша во работата на СЈО. Таков беше случајот со бизнисменот Сеад Кочан, за кој не Јанева за нејзиниот случај „Труст“, туку Зврлевски поднесе БЗЗ по што Кочан беше ослободен од притвор. Сега еден од условите на политичката партија на Груевски ВМРО ДПМНЕ е токму на нивни предлог да биде именуван нов јавен обвинител. Познавачите ова не сакаат да го толкуваат како обид за политички притисок врз обвинителството за спасување на осудените бидејќи сметаат дека државното секако не смее да се меша во работата на специјалното обвинителство.
Адвокатите на Груевски не ја исклучја можност по добивањето на правосилната пресуда да бараат одложување на одењето в затвор. Тоа е и најбрзата опција но за неа одлучува судија за извршување санкции во кривичниот суд. Како оправдување ќе мора да ги исполнува условите предвидени со закон, во спротивно актот кој ќе го добие ќе го пишува времето денот и затворот каде треба да се појави осудениот. Ако тоа не го стори ќе биде приведен. Инаку за случајот Тенк е осуден и поранешниот шеф на набавка Ѓоко Поповски на 4 и пол години затвор. Утре пак ќе биде изречена пресудата за истиот предмет за екс министерката Гордана Јанкуловска на која и се судеше во одвоена постапка поради бременоста.
Билјана Николовска