
Груевски ќе зема пратеничка плата и во бегство
Груевски ќе зема пратеничка плата и во бегство. Собранието нема законски механизми да му ја укине платата или да му го одземе мандатот во следните шест месеци. Единствената мерка што можат да ја преземат е да му ја кратат сумата секој месец за 5 проценти или по околу 3 илјади денари. Токму тоа и е одлучено на денешната координација на претседателот Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи, на која се разговарало за пратеничкиот статус на поранешниот премиер.
Донесен е заклучок дека пратеникот Никола Груевски од денешниот ден се смета за неоправдано отсутен, имајќи ги предвид информациите од надлежните органи дека тој се наоѓа во бегство. На пратеникот кој отсуствува најмалку трипати едно по друго на седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот, му се одзема 5 отсто од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на избори и именувања. Овој член ќе важи за неоправданото отсуство на пратеникот Никола Груевски, се вели во собраниското соопштение.
На денешната координација не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, но, бил информиран за заклучоците.
Пратениците повторно ќе можат да се обидат да му го одземат мандатот на Груевски дури после шест месеци неоправдано отсуство. Но, и тогаш ќе биде потребно двотретинско мнозинство, што беше главната причина претходниот обид минатата недела да биде неуспешен.
Во меѓувреме, лицата кои го обезбедуваа поранешниот премиер, се вратени на претходните работни места во Шестата управа.
Далиборка Дамјанска Цветановска