Груевски ќе го изгуби пратеничкиот имунитет

Доколку Никола Груевски биде екстрадиран во Македонија, или на некој друг начин стане достапен за органите на прогонот, ќе треба да оди во притвор. Комисијата за мандатно-имунитетни прашања едногласно одлучи да го дозволи тоа со одземање на имунитетот. Претседателот на Комисијата Павле Богоевски изрази жалење што системот не успеал да обезбеди издржување на казната затвор, а пратениците се нашле во контрадикторна ситуација да одлучуваат за притвор на осудено лице кое е во бегство.

Членовите од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата. За нив, азилот на Груевски е показател за каква власт се работи.

Откако Груевски избега од земјата за да не издржува затворска казна за набавката на мерцедесот, Судот одлучи да ги зајакне мерките на претпазливост. Побара притвор за шест предмети: за изборни нерегуларности, за Шамарите во Центар, за автопатите, за уривањето на Космос, за нелегално финансирање на партијата и за изградбата на партиското седиште.  За овие предмети ќе му се суди во отсуство, а во меѓувреме го задржува мандатот. Ќе продолжи да зема пратеничка плата намалена за 5 одсто поради неоправдано отсуство. По шест месеци, Собранието повторно може да се обиде да му го земе мандатот, но и тогаш ќе биде неопходно двотретинско мнозинство.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ