
Груевски и натаму е во Унгарија – Може ли да следи екстрадиција?
Бегалецот Никола Груевски и натаму се наоѓа на територија на Унгарија. Министерството за внатрешни работи за Телма потврди дека засега официјално екс премиерот не се упатил кон друга држава и дека од унгарските власти ќе чека политички азил. Засега нема нови официјални детали од МВР за начинот на кој осудениот Груевски побегнал од државата, како ја преминал границата со Албанија и кој се учествувал во организација и спроведување на бегството.
Според сознанијата со кои располагаме и разговорот со МВР на Унгарија, Груевски се наоѓа во Унгарија каде ја чека одлуката на властите за неговото барање за азил, одговорија од МВР.
Регионалните медиуми излегоа со голем број на шпекулации за рутата на Груевски како и за наводни намери тој да продолжи со своето бегство во Турција или Русија за да ги зголеми своите шанси за избегнување на екстрадиција. МВР се уште води истрага, додека пак албанските медиуми од свои извори тврдат дека Груевски пристигнал преку преминот Блато преку Дебар, со дипломатско возило на Унгарија преку Хани Хотит преминот влегол во Црна Гора со лична карта, потоа се упатил кон Србија и во унгарската амбасада во Белград го поднел барањето за азил.
Република Македонија нема меѓународен договор за екстрадиција со Унгарија. Тоа го потврди и министерството за правда кое ја комплетира документацијата со која ќе се бара враќање на Груевски на македонско тло. Сепак, испорака на бегалци од правдата може да се реализира и врз основа на Законот за меѓународна правна соработка во кривичната материја и европските правни стандарди за екстрадиција меѓу државите.
Актуелниот опозициски лидер вчера целата состоја со неговиот претходник ја оцени како театарска претстава пред народот, а дека главната улога ја имал премиерот Заев.
Денеска СДСМ го повика Мицкоски да даде детали за средбата со Груевски и дали тој помогнал во неговото бегство.
Опозицијата тврди дека се работи за политички прогон против нивни членови. Владејачкта СДСМ пак, го обвини Мицкоски дека е последниот бранител на криминалот на Груевски.
Христијан Станоевиќ