
Груевски и Јанакиески се изјаснија за невини за уривањето на „Космос“
Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски не се чувствуваат виновни за уривањето на „Космос“. Вака се произнесоа и останатите четворица обвините во предметот „ТНТ“ што го води СЈО.
На почетокот од рочиштето, воведен збор имаа обвинителите од СЈО, кои рекоа дека е сторено кривично дело од политичка одмазда.
Рекоа дека обвинетите Груевски и Јанакиески ја искористиле политичката моќ и го урнале станбениот објект „Космос“ на политичкиот противник Фијат Цаноски, инвестиција вредна 30 милиони евра, а причината била само затоа што тој како претседател на политичката партија ПЕИ ја напуштил коалицијата со ВМРО ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ, за парламентарните избори во јуни 2011-та. Обвинителите од СЈО детално објаснуваа како се одвивала целата постапка и кажаа дека одмаздата од политички мотиви, Груевски и Јанакиески ја реализирале со тоа што ги злоупотребиле институциите и му нанеле штета на Цаноски од 16 милиони евра. Рекоа дека за ова имаат докази, сведоци и искази од оштетените, стручни мислења од архитектонскиот факултет, урбанистичко и економско-финансиско вештачење.
Во моментов има пауза за координација на одбраната, по што ќе следува и нивен воведен говор.
Инаку, на самиот почеток при идентификација на осомничените, Јанакиески рече дека повеќе не работи во ВМРО ДПМНЕ, туку во компанијата „Пелистерка“, а Тони Трајковски е вработен во ЕЛЕМ.