Груевски и Ахмети осомничени за пропаднатиот попис во 2011

Али Ахмети и Никола Груевски како партиски лидери договориле прекин на пописот пред 7 години, тврди СЈО кое сега двајцата политички лидери на поранешната владеачка коалиција, ги гони за злоупотреба и за штета од над 2.800.000 евра.

СЈО со истрагата „Попис“ тврди дека двајцата лидери договориле причината за стопирањето да бидат наведени проблеми од техничка природа, и издејствувале промена на Законот за попис со кој таа статистичка операција се одлага. Од Специјалното обвинителство соопштија дека сомнежите биле поткрепени со прислушуваните материјали и со други докази. Јанева откако првпат осомничи функционер на ДУИ и тоа партискиот претседател, го цитираше и Прибе.

Додека траеше пресот на СЈО екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше во судница како обвинет за друг случај на специјалното обвинителство, за „Тенк“. Смета дека ова е политичка казна за инцидентот со Талат Џафери во Собранието и негира дека тој влијаел на прекинување на пописот.

Коментар не добивме ниту од Артан Груби, шефот на кабинетот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту од вицепремиерот Бујар Османи, кој беше заменик претседател на комисијата која го прекина пописот.

Еден ден пред почетокот на пописот на крајот на сесптември 2011-та, оставки си дадоа претседателката и заменикот претседател на пописната комисија Весна Јаневска и Абдулменаф Беџети. Двајцата денеска кратко ни одговорија дека не сакаат да се мешаат во постапката на СЈО, и дека уште тогаш објасниле зошто ги даваат оставките. Тогаш имало несогласувања меѓу Ахмети и Груевски како да се попишат привремено заминатите печалбари, стои и во нивните тогашни изјави.

Од СЈО најавија дека во текот на истрагата ќе ги повикаат двајцата политичари да дадат исказ.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ