
Груевски го доби налогот на 8 ноември да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за „Тенк“
Осми ноември во затворот Шутка, се времето и местото запишани во документот кој определува кога и каде, експремиерот Никола Груевски треба сам да се пријави за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Судски службеник во ходник му го врачил упатниот акт денеска пред почетокот на судењето за „Траекторија“ (за кинеските автопати).
По претходно неуспешен обид да му биде доставен на домашна адреса, во судот му беше врачен упатниот акт, изготвен од судија за извршување санкции, во кој е наведен максималниот рок од 13 дена кога треба да се јави на издржување на правосилно потврдената санкција, велат од Кривичниот суд.
Груевски денеска ги избегна камерите и излезе од спреден влез на судската зграда. Завчера најави дека ќе ги употреби сите правни лекови а пресудата ја нарече политичка. Дека последниот спас го гледа во Врховниот суд покажува и тоа што уште во средата, неговата одбрана поднела барање за вонредно преиспитување, со кое бараат укинување на пресудата по повеќе основи, но од Врховен велат дека се уште не е стасано бидејки патува од кривичниот преку апелациониот, за да дојде до највисокиот суд. Одбраната на Груевски за Телма потврдува дека парлелено за барањето за вонредно преиспитување, од Врховен побарале и одлагање на издржување на затворската казна.
По примањето на упатниот акт одбраната во рок од три дена ќе може да поднесе и барање за одлагање на казната и во Кривичниот суд. Треба да исполнува бзарем еден од 8-те услови од законот за извршување на санкции меѓу кои и:
- ако осудениот се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест,
- ако е потребно одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должен да се грижи,
- ако се случила смрт или тешка болест во потесното семејство,
- ако осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета.
Судијата за извршување на санкции има потоа три дена да одлучи а експремиерот ако е незадоволен има право и на жалба пред Кривичен совет составен од тројца судии.
Судијката Добрила Кацарска денеска испратила известување до претседатлеот на Собранието Талат Џафер дека две годишната затворска казна на Груевски за примање награда за противзаконито влијание во случајот „Тенк“ е правосилна, велат судски извори за Телма. Во ова известување на Кацарска е поради член 59 став 1 во собранискиот деловник во кој пишува дека:
За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатноимунитетни прашања.
Според Уставот на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Но за одземањето на мандатот потребно двотретинско мнозинствоод вкупниот број на пратеници.
Елена Ивановска Мукоска