
Груевски дојде како политички пензионер, замина како доктор по економски науки
Дојде како политички пензионер, замина како доктор по економски науки. По 4 часа, екс премиерот Никола Груевски ја одбрани докторската дисертација „Економските ефекти на различни видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“.
Зад долгото име на докторатот всушност се криеја тековите на парите, но Груевски успеал да ги спакува и своите инвестициски политики како премиер. Тврди дека докторатот не е платен со државни пари земени од инвестициски фонд во Лондон.
Груевски пред професорите раскажуваше како во Македонија доаѓале инвестициите, како неговата влада се борела за секој странски инвеститор и истакна дека за десет години негово премиерство како државна помош се дадени 120 милиони евра, а во Македонија се влеале над 340 милиони евра инвестиции.
Пред професорите од комисијата тврдеше дека таквата инвестициска политика носела ќар иако дел од професорите сметаа дека олеснувањата во економските зони ги фаворизираа странските на сметка на домашните компании.
Најголем дел од присутните на докторската одбрана беа новинари и членови на обезбедувањето на екс премиерот, од семејството беа присутни неговата мајка и двете ќерки, но од некогашните економски соработници како Ставревски, Пешевски, Јанакиески, не дојде никој.
Економскиот факултет беше празен, а Груевски упати и препораки за иднина како со инвестициите – уште смета дека треба да се отвори слободна финансиска зона во Скопје, советува да се дадат специјализирани пакети субвенции како например за софтверска индустрија, нешто што оваа влада веќе го спроведува, а за во иднина препорача и курсот на денарот да не биде непроменлив туку да се остави по малку и пазарот да го регулира.
Во неговиот ден за наука, не изостанаа ниту политички новинарски прашања – дали чувствува одговорност за пресудите за 27-ми април.
Груевски го работел докторатот од 2011-та година, кога беше на врвот на моќта, а стана доктор на науки во време кога има првостепена пресуда од две години затвор и неколку судски процеси. Меѓу нив и за „Траекторија“, за кинеските кредити, кои се дел од меѓународните текови на капитал на кои Груевски денеска доби докторска титула.
Миомир Серафиновиќ