Грција уште молчи за одбиената екстрадиција на бегалците од УБК обвинети за Тврдина- Правда со ургенција бара екстрадиција и на Даравелски

Министерката Рената Дескоска денеска изјави дека се уште нема никаква информација од Грција за одбиената екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, двајцата обвинети во случајот на СЈО „Тврдина-Таргет“.

Врховниот суд на Грција го одби барањето за еекстрадиција на поранешните началници во Петатта управа на УБК уште во мај, повикувајќи се на аболицијата на македонскиот претседател од 2016-та година. Досега македонските надлежни органи не се известени официјално за одлуката од грчките власти.

Горан Грујевски и Никола Бошкоски се осомничени за нелегално прислушување на илјадници функционери, судии, активисти и новинари (случај Таргет) и за уништување на системот за следење на комуникации (случај Тврдина).

Министерката Десковска изјави дека сите екстрадиции се следат, а ја спомна и ургенцијата со која се бара испорачување на екс директорот на Царина, Драган Даравелски кој е осуден на 7 години затвор, но повеќе од деценија и пол живее во Србија. Ургенцијата за Даравелски е испратена во јули, но досега нема никаков одговор од надлежните во Белград.

Министерството за правда испрати уште едно барање за екстрадиција на двајцата обвинети во случајот Монструм (Исмаиловиќ и Демири), кои се во бегство на Косово. Ова е најсвежо барање за екстрадиција, а косовските власти веќе еднаш ја одбија екстрадицијата сомневајќи се во политички прогон на обвинетите за 5-кратното убиство кај Смилковско езеро. Десковска рече дека ќе се почека пристоен период за одговор, по што ќе биде одлучено дали ќе се испраќа ургенција.

Миомир Серафиновиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ