Македонија Грција со упатство до институциите за користење на новото име на земјава
Грчкото МНР им даде насоки на државните и јавни институции во Грција како правилно да ги употребуваат термините кои произлегуваат од Договорот од Преспа. Република Северна Македонија или краткото име Северна Македонија е за севкупна употреба, и во меѓународна и во билатерална службена употреба.
Доколку нема придржување до правилната употреба на името и термините, службената пошта, нема да биде примена и ќе се враќа назад до испраќачот, се наведува во циркуларното писмо.
На грчките делегации во странство им се посочува дека треба да внимаваат и веднаш да реагираат доколку забележат погрешна употреба од трета земја, организатор или дека нема правилна употреба на договореното име и терминологијата.
Напатствието до грчките институции е дека новото име на земјава ќе фигурира во сите документи издадени по 12 февруари, а за време на преодниот период до издавањето на новите пасоши за македонските граѓани, при влезот и излезот од земјава ќе се става печат кој ќе се објаснува дека пасошот е на Република Северна Македонија. Притоа институциите во Грција се информираат дека „Меморандумот за практични мерки“ според кој на документите со старото име на земјава грчките власти ставаа печат „од Грција е признаена како ПЈРМ“, престанува да важи.
Министерството за надворешни работи на Грција прецизно дава насоки освен за именување на државава, и за именување на владата, министрите и други претставници од земјава.
Правилно е „влада/министер на Република Северна Македонија“ или „влада/министер на Северна Македонија“, а не „македонска влада“ или „македонски министер“, е насоката од грчкото МНР.
За државјанството грчкото МНР наведува дека треба да се користи „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“.
Упатството се однесува и за сите приватни субјекти финансирани од државата.
Македонската влада на 12 февруари го усвои планот за имплементација на Договорот од Преспа според кој во рок од три дена сите институции требаше да извршат промена дигитални записи, како логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, а во рок од две недели да ги сменат и на печатените материјали, папките, индикаторите. Наложено беше царинската управа во рок од три дена да стави налепници на таблите на граничните премини и на аеродромите, додека промената на сите табли, на централно и локално ниво, треба да се заврши во рок од 4 месеци. Беше најавено дека сите институции, и на централно и на локално ниво, ќе бидат информирани за начинот на употребата на новото име на државата. Од владата денеска не успеавме да добиеме одговор дали е тоа направено и какви насоки добиле македонските институции.
Тамара Грнчароска



