
Грција ја дополнила предлог-спогодбата за Македонија
Шефот на грчката дипломатијата Никос Коѕијас синоќа на Владата во Атина и ги претставил клучните точки од нацрт-договорот што ќе и биде доставен на Македонија. На неформалниот состанок во владата, Коѕијас ги презентирал и новите елементи кои дополнително биле додадени во нацрт-документот. Нема информации кои се дополнувањата во нацрт-спогодбата за која Коѕијас уште на 24 февруари рече дека е завршена.
Грчките медиуми повикувајќи се на извори во грчкото МНР информираат дека Коѕијас би можел следната недела да допатува во Скопје за лично да му го враќи нацрт-документот на македонскиот колега Никола Димитров. Неофицијалните информации пак од македонската страна се дека посетата на Коѕијас би се случила кон крајот на март.
Истовремено потпретседателите на грчкиот Парламент и пратеник од Независни Грци, Димитрис Каменос, денеска изјави дека не смета оти ќе се постигне решение за името.
„Мислам дека вака како што оди, нема многу простор. Нема да постои решение. Овие луѓе не можат да ги сменат работите што ние ги сметаме за неопходни и треба да се направаат како гаранција. Заев ни зборува за меѓународен договор, вели ние нема да промениме јазик, нема да смениме ништо, нема да го промениме Уставот, само табли менуваат“, изјави Димитрос Каменос, потпретседателите на грчкиот парламент.
Инаку предлог-спогодбата на 20 страници, содржи седум точки кои ги опфаќаат името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите. Коѕијас најавувајќи ја спогодбата уште во јануари, рече дека таа нема да биде, „земи или остави“, туку македонската страна ќе може да даде звои забелешки на неа. Тогаш тој изјави дека кој било договор за решение меѓу двете земји ќе биде потребно Македонија да направи измена на Уставот, во преамбулата и во два члена.
Тамара Грнчароска