Грција и од идната влада ќе очекува имплементација на Договорот од Преспа

Г-дине Армаколас, речиси е една година од стапувањето на сила на Договор од Преспа. Според вас како се одвива темпото на имплементација на Договорот?

– Првите неколку месеци од имплементацијата беа многу интензивни. Двете влади правеа се што е можно за да ја унапредат врската меѓу двете земји и потпишаа многу договори.

По изборите во Грција во јули имавме, можам да кажам, мал застој, бидејќи новата влада беше против Договорот од Преспа и мораше да најдат начин и разбирање како ќе продолжат. Тоа ги одложи работите на некое време и немаше многу прогрес во имплементацијата по грчките избори. Но неодамна, во изминатите два месеци грчката влада исто така се обидува да ја придвижи агендата на имплементацијата.

Новата грчка влада како опозиција беше голем противник на Договорот, сега бара негова брза и целосна имплементација. Како го објаснувате тоа?

– Новата влада во Атина имаше потреба од малку време да најде начин да му пријде на прашањето, но исто така тоа беше време кога мораше да градат доверба со владата тука во Скопје, тие не се знаеа многу добро, владата во Скопје имаше одлични односи со претходната влада во Атина. Сметам дека по овој период на неподготвеност и размислување владата во Атина е целосно посветена на имплементацијата на Договорот од Преспа и сфати дека во Договорот има позитивна рамка за развивање на идната соработка меѓу двете зeмји.

Друга клучен факт е дека откако компликацијата во пристапувањето на Северна Македонија стана многу очигледно, практични ветото од француската влада, грчката влада сфати дека целиот процес на пристапувањето во ЕУ на целиот Западен Балкан, што е клучна цел на надворешната политика на Грција, е загрозена, бидејќи несигурноста околу пристапниот процес на целиот Западен Балкан се задржи на подлг период тогаш може да имаме центрифугални сили, може да се случи земјите од Западниот Балкан, вклучително и Северна Македонија да загубат надеж, да ја загубат довербата во европскиот проект.

Македонија е пред техничка влада и избори. Колку тоа може да влијае врз Договорот?

– Реално, кога имате техничка влада не е лесно да се носат големи одлуки за подобрување на односите меѓу двете страни. Не очекувам во претстојните месеци од изборите да има некаков напредок во односите меѓу Грција и Северна Македонија. Не верувам дека ќе имаме потпишување на нов договор. Работите ќе се одвиваат како и вообичаено. Фактот дека ќе имате предизборен период, кампања, политичка реторика, мислам дека и во Грција очекувањата се дека нема да има многу да се случува во процесот на имплементација во идните шест месеци. Истовремено сметам дека Грција очекува она што е имплементирано да продолжи вообичаено. Исто така изборите нема да го нарушат целиот процес, мислам дека Грција очекува каков и да е исходот од претстојните избори, дека тука ќе има влада која ќе биде посветена на имплементација на Договорот од Преспа и Западната, еевропска ориентација на земјата. 

Земјава се соочува и со клучното прашање дали на пролет ќе добие датум за преговори со ЕУ. Очекувате ли Франција да се премисли?

– Што ќе се случи следно е тешко да се каже, едноставно бидејќи претседателот Макрон смета дека прашањето е пошироко, дека не го засега само Западниот Балкан и иднината на овие земји и нивното идно место во ЕУ, туку е пошироко и пошироко треба да се третираат прашањата со кои се соочува ЕУ.

Со цел да се има позитивна порака во март на Европскиот совет, 27-те земји членки ќе треба да се согласат за новата методологија или барем да ја ревидираат постојната методологија на начин кој ќе ја задоволи Франција, но исто така да не ги оттуѓи другите земји кои не се согласуваат со Франција.ЕУ се заснова врз компромиси, се базира на земји кои седат на маса и преговараат, спротивставуваат аргументи и бараат решенија. Се надевам дека тие решенија ќе бидат пронајдени во идните три месеци.

– Може ли Грција да игра прокативна улога во постигнувањето на овој компромис во Европа со оглед дека и имплемнтацијата на Преспнаскиот договор е тесно поврзана со пристапувањето на земјава во ЕУ ?

– Грција разбира дека патот на имплементација на Договорот од Преспа е врзан за пристапните преговори. Но за Грција тоа е пошироко прашање. Грција е една од неколкуте земји-членки на ЕУ кои искрено го поддржуваат и се за тоа целиот Западен Балкан да се зачлени во ЕУ. Има само неколку други земји кои имаат толку многу интерес и економски, политички, општествен влог во тоа Западниот Балкан да се зачлени во ЕУ. Грција ќе биде целосно изолирана доколку Западниот Балкан не се зачлени во ЕУ.

Има уште една причина поради која Грција може да игра активна и главна улога во туркање на агендата на проширувањето. Значи Грција е и за проширување, што е поблиска до Италија, Германија, но и ја поддржува Франција за реформирање на ЕУ. На некој начин таа зборува, комуницира, со двете страни во нивните аргументи. Исто така Грција е традиционално е сојузник на Франција и земја која е многу блиска до Франција.

На некој начин Грција се наоѓа помеѓу, таа е во центар на сите овие аргументи и може да игра улога на приближување на различните страни. Но за тоа да се случи Грција мора да биде многу поактивна. Поактивна отколку што е сега. Исто така мора да биде многу гласна во поддршката на Северна Македонија и Албанија. Гласна исто така значи да биде гласна и во поддршката на имплементацијата на Договорот од Преспа.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ