
Грција го поздрави македонското прифаќање на ерга омнес решение за името
Грчкиот премиер го поздрави ставот на Македонија дека решение на името не е можно без негова севкупна употреба. Прес службата на Ципрас, попалднево, излезе со соопштение откако премиерот Заев изјави дека можното решение на името е Република Илинденска Македонија за севкупна употреба.
„Го поздравуваме прифаќањето на ПЈР Македонија дека решение за името не може да се постигне без усвојување на името ерга омнес т.е. за севкупна употреба“, соопштија од прес службата на Ципрас.
Во соопштението се охрабрува Македонија заеднички да работиме на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение со географска или времеска одредница и според пакетот кој го достави посредник на ОН, Метју Нимиц. На крајот од реакцијата на грчкиот премиер се подвлекува дека решението и антиредентизмот мора да бидат вградени во уставните измени.