Грчки медиуми: Доколку има напредок во разговорите можна нова средба Заев – Ципрас

Постои напредок во спорот за името, но некои тешки прашања и натаму остануваат.

Грчките медиуми денеска пренесуваат за конструктивниот пристап и позитивната клима и имплус кои произлегуваат од последната тристрана средба во Виена, помеѓу министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, и посредникот Метју Нимиц.

То Вима забележува позитивни сигнали од Виена, додека Екатимерини ја нотира изјавата на Коѕијас кој изрази надеж дека на следната средба ќе постои спремност да се направи голем чекор.

„Ги забележавме деталите, што е она за што се согласуваме, а за што не се согласуваме. Ги имаме обележано главните прашања за секоја страна и се на надевам дека на нашата следна средба ќе бидеме подготвени да направиме еден голем чекор“, рече шефот на грчката дипломатија

Овој напредок ќе се покаже од подготовката во следните денови, а двајцата министри ќе бидат во континуиран контакт веднаш по Велигден, можеби во комбинација со некое друго патување на Балканот, одново да се сретнат за да ги споредат ставовите на владите во Атина и Скопје, пренесува грчката новнска агенција.

„Има условен напредок во преговорите, бидејќи  како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи“, кажа Димитров.

Дипломатски извори за грчката новинска агенција, потенцирале дека целта е преговорите да стигнат до суштински одлуки што ќе го пресечат Гордиевиот јазол.

За евентуална нова средба на Зоран Заев и Алекис Ципрас, објавија и грчките телевизии во нивните централни изданија на вестите. „Двајцата министри се согласија да имаат нова средба, а ако постои суштински напредок и има позитивни одговори на прашањето, би можело да се закаже и средба на двајцата премиери“, објави државната ЕРТ.

Според телевизиите Скај и Антена, Атина направила отстапки во преговорите, во однос на името, односно отстапила од барањето името да биде на македонски јазик, во еден збор, слеано и непреведено. Но, за возврат бара името да биде ерга омнес и да има промена на Уставот, посебно во членот 49.

На целата позитивна клима од разговорите, кои Нимиц ги нарече најдобри до сега, сенка фрлија информациите од одредени грчки медиуми дека македонската страна наводно била подготвена да направи уставни промени.

Промптно реагираше грчкото МНР кое таквите информации ги нарече шпекулации и лажни вести.

„Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација“, пишува во соопштението од грчкото МНР.

И министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, се огласи на Твитер, велејќи дека преговорите за името се во деликатна фаза и оти шпекулациите се штетни.

„Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави“, објави Димитров на Твитер.

Засега како што неофицијално се тврди непремостливи се разликите околу ставот на Грција дека за било какво решение мора да има промени на Уставот и името да важи за севкупна употреба- меѓународно, билатерално со сите земји , но и за внатрешна употреба.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ