
Грчки медиуми: Договор сега, комплетирање за две години
Во местото Сунио, близу главниот град на Грција, Атина, во тек е најновата рунда на разговори за името помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со посредство на медијаторот, Метју Нимиц.
Вчера Димитров и Коѕијас немаа билатерална средба, но нагласија како денешниот ден е многу важен. За македонската страна динамиката е особено важна со цел да се дојде до опипливи резултати пред јунскиот Ервопски совет и јулскиот самит на НАТО, но и со цел на самитот во Софија закажан за 17-ти мај, Заев и Ципрас, да можат да си подадат рака и да се приближат до конечно решение.
„Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза, факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сe и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред самитот во Софија и наша должност е да најдеме едно решение што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре“, рече шефот на македонската дипломатија.
За грчкиот министер Коѕијас не постои временски рок во преговорите, и тој вчера нагласи дека кога ќе постои договор и правна ратификација ќе се отвори патот кон ЕУ, избегнувајќи да даде одговор дали Грција би прифатила Македонија да добие датум за отпочнување пристапни преговори, доколку претходно нема решение на името.
Во пресрет на средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија со медијаторот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните денешни изданија објавуваат слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.
Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.
„При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија), пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата“.
Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.
И Катемерини пишува за слично сценарио во преговорите, односно, да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија.
„Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана)“, пишува „Катимерини“.
Според грчките медиуми, Македонија за возврат бара да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Ивор Мицковски