Грчки Ф-16 извршиле прв прелет на македонскиот воздушен простор

Два грчки ловци Ф-16 вчера ја надлетале македонската територија. Од Министерството за одбрана за Телма ја потврдија информацијата наведувајќи дека прелетот бил во рамки на подготовката на Грција за преземање на контролата на македонското небо откако земјава ќе стане полноправна членка на НАТО.

„Согласно техничкиот договор вчера за прв пат е извршен прелет на два авиони на грчкото воздухопловство за потребите за обука на нивните пилоти и нашите оператори. Се работи за подготовки за потполна оперативност“, одговорија од Министерството.

Грчките ловци, како што објавија грчките медиуми, кои се дел од 337 ескадрила на грчкото воздухопловство полетале од Лариса и го надлетале целото македонско небо.

Прелетот бил направен во целосна координација со комуникациските системи на контролната на летање во Скопје, додека воздушниот простор ловците го набљудувале преку грчките радари.

Грчките медиуми прелетот го означија како официјално преземање на контролата на македонското небо од страна на грчкото воздухопловство.

Техничкиот аранжман за надзор на воздушниот простор меѓу двете земји беше потпишан на 30 септември, откако Македонија и Грција во април потпишаа договор за соработка во одбраната.

Грчките воени авиони во мај ги направија двата пробни прелети во македонскиот воздушен простор.

За контрола на македонскотот небо се понуди и Бугарија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ