
Грчка дебата за договорот за името и руското влијание
Грција не доби се со Договорот за името, признава шефот на дипломатијата Никос Коѕијас. Откако над 20 еминентни грчки професори по право и историја го анализираа Договорот од Преспа во грчкото МНР, Коѕијас сумираше дека од 90-те па до денес суштината на преговорите биле три прашања – името, неповредливоста на границите и постоењето или не на малцинство. Договорот кој е постигнат е компромис со придобивки за двете земји.
„Прашајте ме дали ми се допаѓа Северна Македонија. Не. Јас ќе сакав да се викаат Северна Алјаска, но веќе постоеше согласност за сложено име што ќе го содржи терминот Македонија. Терминот со децении постоеше во преговорите и сметам дека е неетички оние кои дадоа завршени работи да се претставуваат како поддржувачи на име што нема да содржи Македонија“, вели Коѕијас.
Оваа научна конференција е првиот настан што го организира грчката Влада за Договорот за името, додека македонската Влада го одбележа со концерти. Шефот на грчката дипломатија, кој седеше до Јоргос Кумуцакос одговорен за надворешна политика на Нова Демократија, и порача на опозицијата дека од нив слушнал само критики, но не и каков Договор тие би склучиле.
Договорот кој го отвора патот на Македонија за членство во НАТО, и натаму ги влошува односите меѓу Грција со Русија. Во руското МНР денеска бил повикан грчкиот амбасадор во Москва, Андреас Фирганас, откако вчера Русија ја одложи посетата на шефот на дипломатијата Лавров на Атина планирана за есенва, а претходно Атина протера двајца руски дипломати вмешани во протестите. На состанокот, според грчките медиуми, Москва изразила разочараност од последните потези на Атина.
Официјална Москва изрази разочарување и од изјавите на македонскиот премиер Заев за руска вмешаност во насилството на протестите во Македонија, обвинувајќи за руска хистерија. За Кремљ Преспанскиот Договор е само предизвикал раскол межу Македонија и Грција и тој не се потпира на Уставот широк општествен консенсуз. И македонските и грчките власти официјално изјавија дека сакаат да ги задржат пријателските односи со Русија.
Сања Васиќ