Граничната полиција со маски и ракaвици се обидува да спречи коронавирусот да влезе во земјата

На граничните премини без дежурни доктори се пречекуваат патниците, а граничната полиција се обидува да спречи коронавирусот да влезе во земјата. Хируршки маски и заштитни ракавици се дел од униформата на полицајците. Си ја вршат работата како и секој ден, ги прегледуваат патните исправи на патниците и регистрираат податоци во системот.

Од денес делат флаери со препораки и разговараат со луѓето во возилата, дали некој од нив се чувствува лошо и од каде доаѓа. Најкритични бројки во Европа деновиве се регистрирани во Италија и затоа во фокус на граничните проверки се токму патниците оттаму.

Докторите од јавното здравство во Куманово чекаат на повик од граничната полиција за да дојдат и да тестираат патници со симптоми. Во зградата на граничниот премин има соба за изолација каде што ќе се тргнат настрана патниците кои имаат покачена температура или други новонастанати здравствени проблеми. Просторијата е под клуч се додека докторите не дојдат таму.

Ова се мерки на здравствените власти откако коронавирусот почна да се шири и во Европа.

Патниците што доаѓаат од критичните предели на северна Италија ќе се пропуштаат само на неколку гранични премини: Богородица, Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Табановце. Сите патници на Скопскиот аеродром се скенирани со термо-камери, наместо како досега само летовите од Дубаи и Истанбул.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ