Граѓаните се пожалиле од судиите, но и од партискиот реваншизам – откри Народниот правобранител

Луѓето не им веруваат на судиите. Се сомневаат дека одлуките кои се носат во Суд и се на нивна штета – не се правични. Ова произлегува од годишниот извештај на Народниот правобранител – за почитување, унапредување и заштита на човековите права. Граѓаните најмногу се изреволтирани од долгото траење на постапките и чување на предметите во фиока. Се повеќе и повеќе доаѓаат кај Народниот правобранител и таму се жалат за тоа. Лани се напишани двојно повеќе претставки од претходната година конкретно за правосудството. Правобранителот ги прочитал сите и за нив води евиденција. Некои од случаите му се одамна познати, а и во минатото пробале да ги решат со законски решенија, но без успех.

Луѓето најмногу се жалат од судовите, но претставки до Правобранителот стандардно пишуваат за различни појави во општеството. Се жалат дека политичкиот реваншизам се уште не е искоренет и дека тоа особено се чувствува при вработувањата во училиштата и градинките. На Народниот правобранител му посочиле дека добиваат малку пари од социјалните центри, каде ако не пријават дека направиле некаков приход – имаат апсурден долг за плаќање.

Лани луѓето дошле со повеќе од 4 илјади претставки во канцеларијата на Народниот правобранител. Откако таму им ги разгледале жалбите им понудиле и адвокат да ги посоветува како да си го остварат правото. Во меѓувреме и од канцеларијата се пожалија. Министерствата за финансии, за Информатичко општество и администрација, Обвинителство и други институции – се уште не постапиле и не соработувале со Народниот правобранител, и покрај указите оттаму.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ