
Граѓаните ја поддржуваат најавата за намалување на полицискиот час
Денеска надлежните на седница ќе расправаат за намалување на органичувањата за движење на сите категории граѓани, како нова мерка за превенција од корона вирусот. Граѓаните кои ги анкетиравме, ја подржуваат мерката и велат дека така ќе добијат повеќе часови за извршување на секојдневните обврски.
- Ова за повеќе часови за да завршиме работа. Инаку за 2 часа , дури да појдеш од дома до некаде, готово, поминало времето. Ова е убаво.
- Да имаме растојание да земеме што треба и да си одиме дома. И да поседиме некаде ако треба. Тоа е добро.
- Мислам дека е добро, зашто малку надвор ни недостига. Не само мене, туку на повеќе луѓе им недостига малку надвор .
- Ние секогаш излегуваме од 09 часот, сиокупуваме што ни треба и веднаш се враќаме. Шетање не бараме, велат граѓаните.
Планинарите и рекреативниците бараат од надлежните укинување на забраната за движење во шумите и по планините. Според нив дополнителните забрани за движење и рестрикции кои се на сила, се спротивни на препораките од СЗО за здравје.
Работна група на планинари и рекреативци:
- Бараме отчет, врз база на која анализа , индикатори и аргументи се донесе мерката, без консултативен процес со засегнатите страни- граѓаните , на тотално недемократски и авторитарен начин. Сметаме дека оваа мерка не е целисходна.
Како што изјави во синоќешната „ Топ Тема“ , министерот за внатрешни работи, Чулев, на денешната седница ќе предложи намалување на полицискиот час и за викенд и укинување на забраната за движење низ парковите, шумите и во планините.
Доколку надлежните го прифатат предложеното намалување на часовите за ограничено движење, тоа ќе значи дека во работните денови , полицискиот час наместо во 16, ќе започнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот, следниот ден. Повозрасните граѓани ќе може да се движат од 08 до 12 часот на пладне, а младите до 18 години, од 13 до 16 часот. За викенди полицискиот час ќе започне од 13 часот во сабота до 05 часот во понеделник. Намалената рестрикција за движење, ќе вклучува задолжително носење маски или други заштитни додатоци на лицето во затворен простор, но и на пазари, а останува и физичката дистанца од 1, 5 до 2 метри меѓу граѓаните.
Сотир Трајков