Граѓаните дома за Нова Година, уморни се од политиката претходната година

Новогодишните празници се период кога  и оние со помали примања ги одврзуваат паричниците и трошат многу повеќе од вообичаено. Поголемите туристички дестинации кај нас се исполнети, а од туристичките агенции велат дека новогодишните прослави во градовите од соседните држави годинава се дестинациите каде ќе слават нова година македонските граѓани. Цените на аранжманите не се многу поразлични во однос на лани. Така, пакетите што ги нудат туристичките агенции за четири дена со автобус се движат од околу 100 евра во градовите во соседните држави како што се Белград, Нови Сад, Софија и Атина. Сепак, повеќето граѓани кои ги прашавме велат дека новогодишните празници ќе ги поминат дома. Поголемиот дел велат дека нема новогодишна еуфорија и дека политиката ги уморила претходната година.

Изминатата година македонските граѓани најмногу консумирале леб, јајца, компири, млеко и безалкохолни пијалоци. Според статистиката, изминатата година од овошје најмногу се јадело тропско овошје, па следуваат лубеници, дињи, јаболки и круши. Од месо, на трпезата најмногу имало пилешко, па преработки од месо, помалку јунешко, телешко и свинско, а најмалку свежа и замрзната риба. За новогодишните празници, пазарџиите од скопските пазари велат дека повеќето цени се исти, но имаат впечаток дека граѓаните имаат помалку пари.

2018-та веќе ја испраќаме, кај сите граѓани што ги прашавме заедничка беше надежта дека наредната година ќе биде подобра од претходната.

 

Јордан Дуков

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ