
Се воведува внатрешна контрола за градската администрација
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ќе проверува кој и колку работи, во неговата администрација. За два месеци ќе се провери колку предмети се несработени и заглавуваат од една во друга фиока. Градските административци ќе имаат задача да определат за колку време можат да ги решат заостанатите предмети. Секој административец ќе има свое досие. Во него ќе биде евидентирано колку предмети сработил и за колку време.
Таканаречената внатрешна контрола која ќе ги води и проверува досиеата на вработените е составена од одредени административци кои остануваат анонимни, соопшти Шилегов.
„Кога ќе дојдете и ќе поднесете предмет одите од барака во барака од канцеларија во канцеларија и не ја добивате бараната услуга или бараното решение. Мојата цел е во овие два месеци се што е незавршено да биде евидентирано и да ги видиме причините коишто ги натерале вработените да не го сработат предметот. Дали станува збор за неможност да се сработи предметот од објективни причини или станува збор за субјективни слабости кај вработените“, изјави Шилегов.
Од Град Скопје подготвиле и правилник со кој ќе се регулира оваа новост во работењето на администрацијата. Предмети за кои се чекало и до шест месеци, ќе бидат изготвувани за 30 дена.
Скопјани ќе можат преку e-mail да се обратат до Градот, за предметите кои ги пријавиле но се уште чекаат да им бидат сработени.
Административците кои нема да ги средат документите во дадениот рок или пак нема добро да си ја завршат работата, ќе бидат санкционирани па и бркани од работа, порача Шилегов.
Петар Догов