
Градскиот конзерваторски центар дополнително ги проверува оштетувањата на скопскиот аквадукт
Стабилноста на столбовите на скопскиот аквадукт и понатаму во опасност. Институциите сеште работат на прецизирање на последиците по последните вандалски оштетувања на столбовите. На барање на Управата за заштита на културното наследство, екипа од Градскиот конзерваторски центар, денеска е отидена на терен, за како што велат од Управата, дополнително да ги испита оштетувањата на носечките столбови кои непознат сторител ги направил вадејќи тули и камен од нив, минатата недела. Новите наоди за оштетувањето на столбовите ќе бидат употребени за претстојниот проект за санација и конзервација на локалитетот кој треба да стартува идната година.
Паралелно се работи и на изготвување план за обезбедување на римскиот аквадукт, со поставување огради, осветлување, чуварска служба и евентуално камери, велат од УЗКН. А, безбедносните мерки треба во накскоро време да профункционираат на теренот.
На 17 октомври, екипа од Градскиот конзерваторски центар , работејќи на геомеханички испитувања на тлото околу аквадуктот, каде се имаат појавено пукнатини, регистрираше опасни поткопувања на 10 носечки столбови на овој заштитен споменик на културата од прва категорија, кои се закануваат да го срушат. Директорот на Градскиот конзерваторски центар, Коле Чапкановски, изјави дека се работи за нови оштетувања, покрај веќе утврдените помали, на кои наишле вршејќи испитувања на земјиштето околу древниот водовод од почетокот на октомври. Потоа случајот беше пријавен во Управата за заштита, од каде инспектори излегоа на терен и направија записник.
По инцидентот на чие расчистување работи МВР, нема нови оштетувања на локалитетот, дополнуваат од УЗКН.
Скопскиот аквадукт потекнува од римскиот период, а се смета дека е надграден во османлискиот. Тој служел за носење вода од извор на Скопска Црна Гора до старата чаршија во некогашно Скупи. Се работи за редок споменик на културата. Слични на скопскиот се аквадуктите во Црна Гора и Хрватска.
Сотир Трајков