
Градот ќе биде газда на Дрисла, Советот на Град Скопје се откажа од компанијата „Шолц“
Советот на Град Скопје крена раце и од германската „Шолц“, која требаше да биде концесионер на депонијата Дрисла. Денес со 32 гласа „за“, членовите на Советот одлучија депонијата повторно да се врати под владение на Градот, како јавно претпријатие. Причина за тоа е што од избраниот концесионер „Шолц“ не регистрирале правно лице кое ќе менаџира со Дрисла. Претпријатието и по осум години ќе продолжи да функционира без концесионер.
„Дрисла се враќа повторно во системот на Град Скопје како јавно претпријатие коешто ќе треба да го реструктурираме, да го основаме со нов Управен одбор, со нов менаџмент, а се со цел да воспоставиме целосна контрола врз Дрисла меѓутоа и да можеме да креираме нови комунални политики во нашиот град бидејќи за жал изминативе осум години Градот немаше соодветен партнер во Дрисла“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Членовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Градот, го искритикуваа градоначалникот дека уште кога ја донел одлуката за Шолц – таа не била визионерска и не биле пресметани ризиците.
„Ова само укажува дека правиме еден чекор напред – три чекори назад и дека немаме конзистентност во однос на одлуките и се се однесува на ‘пу, пу, не важи’ или брза кучка слепи кучиња раѓа, што вели една стара поговорка“ кажа Александар Трајановски, член на Советот на Град Скопје.
Градоначалникот на ова возврати – Скопје сега ќе стопанисува со Дрисла и ќе има можност да ги среди правните прашања, а потоа и да ја унапреди депонијата. Нема втор понудувач кој може да добие концесија наместо „Шолц“, а веќе не е во игра ниту италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“.
„Компромис нема да правам. Имаме можност да ја вратиме Дрисла на италијаните – нема да ја вратиме, затоа што немаме обврска. А, имаме лошо искуство.“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Градоначалникот Шилегов најави дека најпрво ќе виде каква е исплатливоста на Дрисла како јавно претпријатие и колку може да се заработи од неа. Потоа ќе одлучуваат дали повторно ќе биде баран концесионер за депонијата.
Петар Догов