Градоначалникот на Струга ќе се вози во службено Ауди А6

Затемнети стакла, хромирани детали на каросеријата однадвор, внатре модерен ентериер, седишта комбинација од кожа и квалитетен текстил, навигациски и други технички уреди и моќна германска машина под хаубата со автоматски менувач. Вака изгледа новото службено Ауди А6 со кое се вози градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, за кое општината од буџетот издвои 66.700 евра. Мерко не смета дека скапото ауди, предвидено во програмата за работа на локалната самоуправа во 2018 година, е луксузно возило. Додава дека тоа не е лично возило кое ќе биде паркирано пред неговиот дом, туку сопственост на општината.

Покрај Аудито, општина Струга со пари од даночните обврзници, набави уште една лимузина Шкода Октавија и две возила Шкода Рапид, за што вкупно издвои 114.000 евра. Мерко вели дека тие биле неопходни за општината, бидејќи возниот парк бил стар, а возилата често им се расипувале на пат. Тврди дека постапката е спроведена транспарентно, а критиките во јавноста  повеќе ги сфаќа како завидливост, бидејќи успешно ја водел општината.

Со новите возила, Мерко низ смеа рече дека неговата администрација ќе биде побрза, а старите, меѓу кои имаше мерцедес и ауди, едвај успеале да ги продадат, биле дотраени, некои дури изгризани од глувци, а одржувањето прескапо и неисплатливо.

 

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ