Градоначалникот на општина Центар не дојде да види како се рушат терасите

Им најави, отпочна, а денеска ги урна до темел. Иако поканет заедно со медиумите, градоначалникот на Општина Центар не се одзва кај угостителите, и пред багерите да се соочи со нив.

Метар по метар, бетонската глодалка ја сомеле терасата на ресторанот „Бастион“. Сопственикот и вработените гледаа, а градежната инспекторка ја чуваше полиција. Немаше што да каже за камерите. Нејзиниот шеф е тој којшто вети дека ќе се справи со дивите тераси.

Терасата на „Бастион“ не го дочека месец октомври, период до кој со потпис добиле решение од општината за поставената урбана опрема. Две тераси се отстранети, а улицата „Аминта трети“ се уште е непроодна, додека угостителите и градоначалникот водат правна преписка дали се урива селективно или според законот. Децата се пренесуваат на рамена на родителите, а тротоарите се пренаменети во тераси, складишта и паркиралишта.

Да се движиш во Центарот на Скопје е полесно отколку да живееш и да заспиваш.

Собранието уште во 2008-та се обврза дека ќе го штити мирот на граѓаните со закон. До 45 децибели бучава во ноќните часови човек може да спие и да не му пречи.

Во 2016-та Општина Центар измерела и казнила 10-пати, ланската година изрекла 3 казни, а во 2018-та ниту еден угостителски објект не е казнет.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ