Говор на омраза не е слобода на говор

Говорот на омраза не смее да се поистоветува со слобода на говорот, предупредуваат новинарите. Тие не се задоволни од реакцијата на институциите во случаите на јавни навреди и дискредитации на медиумски работници, кои и покрај покренатите постапки немаат институционална разрешница.

За да се надминат ваквите состојби ЗНМ и јавното обвинителство започнаа дијалог во рамки на кој во Охрид се одржа заедничка обука, која на медиумските работници треба да им помогне да ги прошират своите знаења каде завршува слободата на говорот.

„ Само добро обучени и информирани новинари за своите права и одговорности можат професионално да ја обават новинарската професија. Исто така праксата на Европскиот суд може да им помогне да не прават грешки и да не ги прекршуваат правата на другите“, истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Приоритет и на новинарите и на правосудството треба да виде заштитата на принципите содржани во конвенцијата за човекови права, врз што се темелат европските вредности, кои во новата дигитална ера се ставени пред вистински тест, вели амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.

„Пред нас се исправува Интернетот како нова форма на изразување и информирање, што е особено значајно во слободата на изразувањето и затоа има потреба од новинари кои професионалните активности ќе ги извршуваат согласно етичките норми и кодекси. Секако тука е и потребата од соодветно однесување и на судиите, обвинителите, правниците, инаку стои ризикот таквото информирање да стане џунгла“, рече амбасадорот Тимоние.

На собирот во Охрид, кој се оджа викендов во организација на ЗНМ со поддршка на фондацијата Конрад Аденауер, беше заклучено дека има потреба од почести директни средби меѓу претставниците на медиумите и јавното обвинителство заради подобрување на комуникацијата во работењето во интерес на правилно информирањето на граѓаните и јавниот интерес.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ