Говор на омраза на поглаварот на ИВЗ Реџепи

Клетвите на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи ќе стасаат во Јавното обвинителство. По вчерашната негова изјава за судијката Сузана Дончевска која донела решение со кое во судскиот регистар се запишува Скендер Бузаку за нов Реисул Улема на ИВЗ, обвинителството соопшти дека Реџепи ќе биде повикан на распит и ќе се постапува во рамките на веќе претходно отворениот предмет за говор на омраза.

Реџепи не штедеше зборови ниту за претседателот на комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, ниту пак за неговиот заменик. Ги обвини дека и тие се дел од сценарото за негова смена.

Комисјата за односи со верските заедници  демантира каква било вмешаност во последните случувања и превирања. Ова беше непримерен чекор на изнесување клевета. Апелираме проблемите да се решаваат со взаемно разбирање, ни изјави во телефонски разговор Сотировски. Побарано е од Основниот суд Скопје 2 да им даде образложение врз основа на кои докази го донел решението со кое се менува Реџепи од функцијата.

Поглаварот на ИВЗ ја обвини и акуелната власт за вмешаност во целиот случај. Порача политичарите да ги тргнат рацете од нив зошто во спротивно можеле да завршат како Груевски. Од вчера повеќе нема да бидат на иста страна со оваа Влада. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека не се мешаат во работата на ИВЗ, осудувајќи го притоа говорот на омраза.

Во седиштето на ИВЗ денеска е мирно. Таму се приврзаниците на Реџепи. Скендер Бузаку не се појави и покрај фактот што вчера тврдеше дека од денеска тој ќе стапи на функцијата.

Финансиската полиција соопшти дека пријавата од Бузаку пристигнала кај нив денеска. Превирањата во ИВЗ се интензивираа последниов месец. Најпрво Реџепи ја критикуваше Владата  за бавните судски постапки за враќање на имотот на ИВЗ, закакнувајќе се дека пред почетокот на изборната кампања ќе ги информираат верниците за дискриминација. Пред две недели тој го нареше македоснкиот народ „див народ кој нема идентитет и никогаш нема да го има“ за што Јавното обвинителство отвори предмет за говор на омраза.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ