Гостиварци се збогуваат од загинатите

Гостиварци ги бараа сега веќе починатите роднини и пријатели на некролозите кои беа поставени низ градот. Зоран Давидовски, Дејан Ристевски, Раметула Абдураими, Јовица Трпевски, се меѓу 14-те загинати во страотната сообраќајна несреќа.

Меѓу починатите се студенти, спортисти, луѓе од различни професии кои работеле во Скопје, а патувале секојдневно со редовната линија на Дурмо Турс, но синоќа не се вратија дома.

Разговаравме со гостиварци кои во текот на денот палеа свеќи и се молеа за загинатите и повредените. Болката е огромна велат, целиот град тагува и соочуствува со семејствата на починатите.

Возачот на автобусот е пуштен на домашно лекување. Се обидовме првично да дознаеме што се случило, автобусот полн со патници да се преврти и заврши во провалија. Но, вратите на преставништвото на компанијата Дурмо Турс каде подолг период работи возачот беа затворени.

Успеавме да земеме изјава од роднина на возачот. Ни раскажа дека нејзниот внук имал долгогодишно искуство како возач, но имал здравствени проблеми.

Сочуство на семејствата попладнево изразија премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорге Иванов, Министерот Оливер Спасовски како и градоначалникот Арбен Таравари. Тие ги посетија роднините на загинатите, а претходно учествуваа на комеморативната седница на советот на Општина Гостивар, каде беше прогласена тридневна жалост.

И гостивварско е обвиено во црно и тага. Речиси пола од загинатите се од околните села, а комеморативна седница се одржа и во Општина Врапчиште од каде во сообраќајната несреќа загинаа три лица.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ