Гори комуналната депонија Мегленци крај Битола

Облаци од црн чад се издигаат над комуналната депонија Мегленци крај Битола, која се запали вчера доцна попладне. Огнот зафатил 2 хектари или  една третина од  вкупната површина. Од јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека  со координирана акција на нивни екипи, РЕК Битола и противпожарно возило на општина Новаци, се обидуваат пожарот да го стават под контрола, но ветерот дополнително ја отежнува работата.

„Успеавме со неколку возила цистерни да го локализираме пожарот, а исто така носиме и насипи со земја за да направиме брани за да не се шири пожарот и од друга сгтрана да стигнеме до самиот центар на жариштето. Активнсотите се одвиваа цела ноќ, а продолжуваат и во текот на денешниот ден“, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“-Битола

Дали ѓубриштето се самозапалило или некој го потпалил, Богоевски не сакаше  да шпекулира. Вели депонијата се протега на 6 хектари и речиси е невозможно целосно да се контролира кој влегува во неа.

„Цениме дека е многу симптоматично што се случуваат пожари еднаш до двапати годината, но се случуваат во недела во попладневните часови кога нема истовар  на отпад во нашата депонија, единствено останува стражарската служба“, изјави Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“-Битола

Во Македонија има вкупно 54 нестандардни комунални депонии кои ги користат општините и кај сите постои ризик од опожарување. За решението на проблемот со отпадот со години се дебатира, а тоа е изградба нови современи депонии.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ