Ѓорѓе Иванов: На 30-ти септември нема да излезам да гласам

Претседателот Ѓорѓе Иванов има став за претстојниот референдум. Го соопшти синоќа, но не пред граѓаните на Република МАкедонија, туку во рамки на посетата на САД. На 30 септември нема да излезе да гласа, и нема да пополни референдумско ливче, рече Иванов во 15- минутното обраќање пред членовита на Обединетата македонска дијаспора, Владиката Методиј, и македонскиот амбасадор во САД. Неговото мислење за иднината на државата го искажал далечната 1991, а синоќа во Детроит ги собра аплаузите на присутните откако два пати повтори дека ќе го бојкотира референдумот.

„Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, рече Иванов.

Иванов , испрати порака и до граѓаните на Република Македонија дека со Законот за референдум никој не може да биде повикан на одговорност за гласање или не гласање, и секој треба самостојно да одлучи. Останатото време за обраќање го искористи уште еднаш да го повтори неговиот став дека договорот од Преспа е штетен за државата.

„Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет“ смета претседателот.

По, осамнувањето на говорот на Иванов, реагираше вицепремеирот за евроинтеграции Бујар Османи кој настрана од владата, на Иванов лично му порача дека тој го претставува се она што владата сака на 30-ти септември да го прекине.

Иванов, на Гала вечерта се закити со највисоко признание „Глобален државник“ кое му го додели организаторот, Обедиентата македонска дијаспора. Неговото обраќање го следеа американските конгресмени, Пол Мичел и Деби Дингел, а Иванов патот го продолжи во Њујорк кадешто Македонија е учесник на 73-тата сесија на Генералното собрание на ОН.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ