
Ѓорчев – прв кандидат за претседател
Пратеникот Владимир Ѓорчев објави дека има желба и капацитет да ја води државата во следните пет години. Како свои адути ги наброја: искуството, знаењето, мотивацијата, чесноста, лојалноста, љубовта кон Македонија и победничкиот тренд што го покажал предводејќи ја кандидатската листа на ВМРО ДПМНЕ во пет изборни циклуси. Побара поддршка од своите сопартијци, од незадоволните во СДСМ, од младите, но и од сите граѓани кои се согласуваат дека во државата е потребен баланс и дека не треба да му се дозволи на Заев да има апсолутна власт.
По 13-минутната презентација во Собранието, Ѓорчев замина и ги остави без одговор прашањата дали има поддршка и од партијата.
Во ВМРО ДПМНЕ велат дека очекуваат уште кандидатури. Огласот е отворен до крајот на јануари. На 16 февруари во Струмица ќе имаат конвенција на која ќе биде избран кандидатот што ќе влезе во претседателската трка.
И во СДСМ тактизираат. Премиерот Заев вчера објави дека се истражува јавното мислење за десетина можни кандидати. Тоа ќе отвори прво внатрепартиска дебата, која ќе прерасне во широки консултации со владините партнери и со граѓанскиот сектор. Некои портали веќе објавија дека највисок рејтинг има министерот Спасовски, и дека Заев веќе му го предложил на Ахмети како заеднички кандидат. За министерката Шеќеринска, ова е лажна вест. Потсетува дека анкетата на јавното мислење се уште трае.
Меѓу потенцијалните консензуални кандидати се споменува и министерот за надворешни работи Димитров. Тој не ја отфрла можноста да се бори за првата функција во државата, но уште веднаш се појави антикампања, во која е претставен како личност која ги третира албанците како „дојденци во неговата земја“.
Претседателските избори треба да се распишат на 8 февруари, а да се одржат на 21 април, со евентуален втор круг на 5 мај.
Соња Николовска