Ѓорче Петров ќе добие нова амбуланта

Општина Ѓорче Петров ќе добие нова амбуланта, 55 години по изградбата на бараките во кои е сместена сегашната, која е речиси пред распаѓање.

Локалните жители се уште се лекуваат помеѓу распуканите ѕидови кои протекуваат, дотраената инсталација и миризбата која доаѓа од распаднатите тоалети.

Овој проблем ќе биде решен со изградбата на нова и модерна амбуланта – вети министерот Венко Филипче.

„Амбулантата во Ѓорче Петров одамна се наоѓа во многу лоша состојба. Не е инвестирано во неа и не може соодветно да се даде квалитетна здравствена услуга заради сите тие проблеми со коишто се соочува кадарот кој тука работи. Очекуваме во општина Ѓорче Петров со овој процес да добиеме нова, модерна амбуланта во која пациентите од овој регион ќе добијат соодветно место каде што докторите и медицинските сестри ќе можат да дадат квалитетна здравствена услуга“, вели Филипче.

Новата амбуланта е дел од идејниот проект за мултифункционален објект. Освен тоа, ќе има и градинка, како и простории за локалната самоуправа.

Нацрт-планот за зградата треба да биде готов до крајот на годината. Потоа ќе се бара инвеститор кој ќе ги изведе градежните работи.

Освен инфраструктурата, приоритет за здравствените власти е справување со дефицитот на лекари и медицински сестри.

„Таму каде што во овој момент нема доктори, а има многу рурални средини околу локални центри, ги разработуваме моделите за служба која што ќе даде домашна посета и домашна нега од мобилни тимови коишто ќе бидат сместени во локалните здравствени домови, а ќе циркулираат секојдневно во локалните средини во коишто има амбуланти, а не работи никој“, додава Филипче.

Според министерот Филипче, прием и вработување на нови лекари нема веднаш да го реши проблемот, ако за нив допрва претстои и специјализација.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ