Голем број туристи Новата година ја дочекаа во Охрид

Студеното време не беше пречка голем број граѓани на Охрид да излезат од топлите домови и заедно со големиот број туристи да го прослават доаѓањето на Новата година под отворено небо на централниот плоштад Св. Климент Охридски каде настапија Ѓоко Танески, Жармена, локалните бендови и Бетис бупс и Бектдор бенд и диџеј Петар. Организацијата на прославата во последен момент ја презедоа Еснафот на угостители и Хотелската асоцијација, откако од познати причини претходно градот ги откажа сите свечености и манифестации за новогодишните празници.

Весело синоќа беше и во кафетериите, рестораните и хотелите на ривиерата кои за новогодишните празници се полни со гости, во најголем дел од опкружувањето.

  • Феноменално е. Во Охрид се е многу убаво и одлично организирано, прекрасно е.  Доаѓам веќе неколку пати тука и не би бил во Охрид повторно да не ми се допаѓа оваа дестинација, вели туристички работник од Црна Гора.

Во текот на новогодишната ноќ полицијата регистрирала едно поголемо нарушување на јавниот ред и мир пред казино во центарот на градот, каде дошло до тепачка помеѓу седум лица. Две од нив се здобиле со повреди поради што им била укажана помош во градската болница. Учесниците во инцидентот се приведени и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, информира охридската полоција.

На првиот ден од новата година во Охрид на свет дојде и првото бебе. Тоа е машко, тешко 3.6 килограми и долго 51 сантиметар. На свет дошло со царски рез. И бебето и малката се чувствуваат добро, информираа од охридската општа болница.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ