
Ѓоковиќ го преслуша Чориќ за четврта титула во Шангај
Новак Ѓоковиќ ја освои рекордната четврта титула во Шангај, претпоследниот осми тениски Мастерс турнир сезонава од серијата 1000. Во финалето беше подобар од Хрватот Борна Чориќ во два сета со 6:3 и 6:4 за неполни 100 минути игра.
Србинот за 32 освоен турнир на популарните „илјадарки“ или 72 вкупно во кариерата, не загуби сет ниту пак некој од противниците му направи брејк.
Од Шангај заминува со чек од 1, 36 милион евра и 1000 бодови со кои од утре ќе биде втор на АТП ранг листата доближувајќи му се на само 35 бодови негатива во однос на првиот рекет во светот Шпанецот Рафаел Надал. Тоа значи дека Ѓоковиќ има огромна можност да заврши како број еден во 2018 година со оглед дека до крајот остануваат да се одиграат последниот Мастерс во Париз и завршниот турнир во Лондон.