
Ѓоко Поповски осуден на 9 години затвор за Триста, СЈО бара притвор до правосилност на пресудата
Скопскиот суд денеска го прогласи за виновен екс помошник-министерот за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски, а судијката Добрила Кацарска му одреди затворска казна од 9 години. Судот определи и казна да врати 450 илјади евра (27. 894. 522 денари), колку според обвинението е направена штета за буџетот на МВР.
СЈО веднаш побара Поповски да добие притвор до правосилноста на пресудата и поради тоа што за Ѓоковски има уште судски процеси. За случајот Тенк во кој тој е обвинет заедно со екс премиерот Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, утре ќе биде соопштена пресудата. Судот во моментот одлучува за барањето за притвор.
Репортерката на Телма, Билјана Николовска, од судот јавува дека Поповски побарал да не му определува притвор поради неговата здравствена состојба, но и влошената здравствена состојба на неговата мајка и на неговиот син. Тој пред судот вети дека поради тоа нема да се оддалечува.
Поповски беше единствен обвинет во случајот Триста на СЈО, за злоупотреба при набавка на 300 автомобили за потребите на МВР.