
Гласањето во Битола без нерегуларности
Во мирна атмосфера, без регистрирани нерегуларности се одвива гласањето за референдумот на сите 170 гласачки места во општина Битола, каде во избирачкиот список се запишани 82.131 граѓани, потврдуваат од Општинската изборна комисија. Утрово навреме се отворени сите избирачки места, а граѓаните кои излегле да гласаат ја познаваат процедурата и без проблеми го остваруваат своето гласачко право.
„До 13 часот излезноста 16,7 проценти, односно излегле 13.707 гласачи. Што се однесува до гласачкиот процес се тече регуларно. До изборната комисија дсега не пристигнале официјални приговори, што значи дека процесот се одвива нормално“, рече Ѓуро Илиќ, претседател на ОИК Битола.
Во соседните општини најголема излезност до 13 часот има во Демир Хисар, каде гласале над 15 проценти од избирачите, а најмала излезност има во Могила, каде своето право на глас го оствариле 7 проценти од 5.385 граѓани запишани во избирачкиот список. Во Новаци, општина најголема по територија, но најмалку населена, излезноста е 13 проценти од вкупно 2.977 гласачи.
„Малку е покомплицирано имајќи предвид теренот на нашата општина, затоа што гласачките места се распространети на голема оддалеченост. Но, имаме искуство од претходни години, имаме добра организација така што немвме никаков проблем при превозот, транспортот на изборниот материјал и избирачките одбори до гласачките места“, изјави Стефче Стефановски, претседател на ОИК-Новаци.
Од канцеларијата на народниот правобранител во Битола и од битолската полиција, информираат дека кај нив досега не е пријавена повреда на гласачкото право.
Емилија Мисирлиевска