Германија не охрабри, а Франција ги испорача условите за датум во октомври

Охрабрување од Германија, но и конкретни барања од Франција испорачаа денеска нивните амбасадори во земјава за она што треба да се направи до октомври за да се добие датум за преговори.

Два дена по заклучоците на министрите на ЕУ дека во октомври ќе се наврати на прашањето за датумот, чекајќи го Бундестагот да донесен одлука за тоа, пред Националниот совет за евроинтеграции германскиот амбасадор Томас Герберих упати оптимистичка порака.

„Јас лично сум е убеден дека уште годинава ќе може да има само една одлука, а тоа е старт на преговорите. Не е прашање веќе, дали, туку кога тоа ќе се случи“, изјави Томас Герберих, амбасадор на Германија

Гереберих и покрај тоа побара проширување на реформскиот процес од страна на сите, за видливи резултати.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, пак испорача поконкретни услови за Париз да даде зелено светло за старт на преговори меѓу кои нов импулс во реформите од страна на владата, пофункционално Собрание, имплементација на законите, како и поголем придонес на опозицијата во реформите.

„Кога зборувам за реални работи ќе кажам дека тука постојат најголемите загрижувања, затоа што сум овде да ви пренесам какви се размислувањата на моите власти и вистинското прашање е поврзано со ефективниот карактер на спроведените реформи. Работата е завршена, ќе кажам дека не е, затпа што претстои уште многу работа. Една од основните точки, а нема да бидеме сами, во која што се ќе набљудува и вреднува земјата е постигнувањето на согласност за законот за СЈО“, порача  Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

На седницата вицепремиерот за европски прашања рече дека земјава исполнила се за да добие датум, а на Унијата и порача дека се разбирливи нејзините технички причини за одложувањето и оти тоа сега не ја става во прашање нејзината кредибилност.

„Тоа што ќе отвори, поттикне дебата за кредибилноста на ЕУ е ако не се почитува оваа одлука на ЕУ и во октомври не се донесе одлука за отворање на разговорите, тогаш навистина ќе имаме напад врз клучниот принцип и клучниот инструмент на проширувањето“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Претседавачот со Советот, поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Попоски смета дека по 14 години кандидатски статус безпредметно е се уште да се дебатира за датумот за старт на преговори, туку е потребна дебата за датумот за полноправно членство.

За да се исполни тоа ќе биде потребна политичка одлука од Унијата, што не зависи од Македонија, вели Попоски, а она што зависи од земјава е да се приближи што повеќе до Унијата, за што ќе треба промени дома.

„Се претворивме, низ години, во една печатница на закони, со една таква брзина, мислам дека ни записничарите долу не можат да запишат колку закони се предлегаат и колку се менуваат и со каква брзина, а малку повеќе примена… Веројатно малку помалку маркетинг, тоа ни е исто така сериозен проблем, бидејќи многу повеќе забави имаме организирано за почеток, за подготовка, за тунелот, а многу помалку имаме реформи во пракса спроведено. И дефинитивно нешто што зависи само од нас – некаква промена во однос на култура и јавна свест“,  рече Никола Попоски, претседавач со НСЕ.

Ако тоа не се смени смета Попоски, земјава ќе има проблем било која змеја-членка да ја убеди дека е подготвена за членство.

За тоа зошто Националниот совет една година не одржал сеница и тоа кога се очекуваа крупни одлуки од ЕУ за земјава, Попоски прстот на вината го впери кон владината коалиција за саботирање на работата на Советот, со недавање консензус за негова работа.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ