Георгиевски со критика од Бугарија: Измислувате проблеми со Македонија

Бугарија во последно време спроведува наполно непринципиелна политика кон Македонија. Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, кој самиот за себе вели дека три децении се обидува во Македонија да внесе дух на нов приод спрема бугарската политика, денеска во колумна за бугарската агенција БГНЕС упати сериозна критика кон официјална Софија дека измислува проблеми кои што порано не постоеле ни во најекстремните бугарски кругови.

Георгиевски притоа ги споменува измислениот проблем на Бугарија со името Северна Македонија дека ги загрозувало бугарските национални интереси, потоа проблематизирањето на МПЦ, односото кон Иванов на неговата последна посета на Софија, изјавите на бугарските историчари.

„А врвот го достигна изживувањето со премиерот Зоран Заев. На почетокот се замислив во што е неговата грешка?! Илинденското востание било македонско?! Потоа уследи, небаре координиран масакр од највисоките бугарски политичари и од голем број колумнисти и новинари. Значи ли тоа, скапи комшии, дека имаме нова забрана за употреба, овој пат на придавката македонски? Имаме ли нови проблеми кои што никогаш досега не постоеле, дури ни во бугарската историографија?“, напиша Георгиевски.

Тој во директно обраќање ја прашува бугарската страна дали допрва треба да се објаснуваме дека сѐ што се случило на територијата на Македонија може и се подразбира да се нарече македонско. Георгиевски им порачува да ги отворат  сопствени историографии каде на илјадници места ќе најдат употреба на описната придавка „македонски“. Тој побара од бугарската страна да не ја става Македонија во нејзините внатрешни дневни политички пресметки.

За Георгиевски, парадоксот да биде поголем, тоа се случува кога премиер на Македонија е прагматичен политичар кој сака да биде пријател со Бугарија и прави огромни храбри чекори во таа насока, кој што со леснотија го потпиша Договорот за пријателство со Бугарија за што освне што трпи силни критики од јавноста, има отпор за тоа и во сопствената партија и огромна опозиција во ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе ве потсетам, во премиерот Заев имате прагматичен пријател. Немојте да дозволите толку лесно да ја изгубите неговата наклонетост, затоа што можеби во моментот е единствениот политичар подготвен да се извини за нешто што не згрешил. Ако тој падне, да се појави втор таков ќе чекате две-три децении!“, напиша Георгиевски.

Поранешниот македонски премиер на проблематизирањето на Бугарија на името Република Северна Македонија порача дека националистите можат да ја употребат Северна во иредентистички цели, исто како и Вардарска или Горна, но најмногу ако името остане Република Македонија.

Во контекст на барањето на МПЦ, БПЦ да ја признае за мајка црква тој изразува жалење што мнозинството во Бугарија не разбрало колку храбар чин направи МПЦ.

Тој упати критика и за затворената врата на Борисов за Иванов за време на посетата на Софија, што го оценува не како личен однос кон политичар, туку како однос спрема институцијата претседател на соседна држава.

Во текстот посветен на македоснко-бугарските односи Георгиевски ги критикува и позициите на бугарските историчари, особено на Ангел Димитров, претседател на бугарската комисија за историја, кои гарантираат дека комисијата за заедничка историја бргу ќе пропадне, така што тешко ќе се случи зближување на историите на двете земји.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ