Генетски модифицирана храна е откриена на македонскиот пазар

Кочански ориз и соини шницли – генетски модифицирана храна е откриена на македонскиот пазар. 550 килограми ГМО ориз, бил произведен во Кочанско, но засега се знае само фирмата што го продавала, допрва ќе се утврдува кој го произвел, кои фирми и од која странска земја го увезувале семето.

„Оризот е  произведен од увозно семе и најден во магацин на операторот, но се уште не се знае кој е неговиот производител. Ставен е под официјален надзор и ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице“, вели директорот на Агенцијата за храна, Зоран Атанасов. 

Соините трошки и шницли во кои се најдени генетски модифицирани организми се увезени од Србија, овде ги продава Виталија. Производите веќе биле пуштени во промет, но се повлечени сите 510 килограми, веднаш откако првата анализа утврдила ГМО, нема информација дали и колку се купени од потрошувачите. Виталија експресно реагираше, велат, нивните продукти се произведени согласно високите европски стандарди и регулативи за квалитет, и се извезуваат во 55 земји во светот, во Македонија веќе 20 години.

„Соините презли и шницли потекнуваат од најреномираната компанија за производство на Соја во регионот, Соја протеин, која е најголема фабрика за обработка на соја во Србија со капацитет од 250 илјади тони годишно. Таа е една од најважните процесори на нон ГМО соја во Србија. Таа е една од ретките компании кои обработуваат исклучиво генетски немодифицирана соја со строго контролирано потекло и квалитет“, велат од Виталија.

Додаваат дека на нивно барање во тек е суперанализа во акредитирана странска лабораторија, која ќе утврди дали има отстатпување од македонската регулатива, која, велат, е во процес на хармонизација со онаа на ЕУ.

А законите во земјава до 2015, слично како во ЕУ, дозволувале производство на ГМО храна до одредена количина, со барање тоа да биде строго наведена на декларацијата, па потрошувачот сам да одлучи дали ќе ја купи. Потоа, вели Атанасов, со политичка одлука преку ноќ тоа се забрани и така ќе биде се до влезот на земјава во Унијата.

„Од АХВ велат дека граѓаните при употребата не можат да препознаат дали храната е ГМО, ниту доказ за тоа е големината на производот, тоа може да се докаже само со лабораториски испитувања.

Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниот период ќе спроведе засилени контроли. Дали и колку ГМО е опасна за луѓето.

„Науката да го каже својот збор. Во светот се конзумира и се произведува храна со ГМО“, вели Атанасов.

Граѓаните немаат многу доверба во квалитетот на производите, бараат силни контроли од државните институции.

АХВ казнила и 5 компании кои во мелено месо, покрај говедско и свинско, ставиле и живинско месо, што не е дозволено според нашите правилници.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ