
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг на средби со државниот врв
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа допатува во дводневна посета на Скопје. Во пресрет на референдумот закажан за 30 септември денеска во Македонија на средби со државниот врв е и министерот за надворешни работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.
Откако ќе завршат средбите на Столтенберг со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавена е прес конференција со премиерот Зоран Заев.
Столтенберг од Скопје заминува за Атина каде што вечер ќе има работна вечера со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, пак, ќе има средби со неговиот домаќин македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, со премиерот Зоран Заев и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Развојот на севкупната билатерална соработка меѓу двете земји, надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, како и актуелните внатрешни состојби со акцент на подготвителните активности за референдумот, ќе бидат тема на средбата меѓу Димитров и Аселборн, како и на пленарните разговори меѓу делегациите на двете земји, информираат од МНР. Двајцата министри предвидено е да потпишат Спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во пресрет на референдумот, во Скопје неделава доаѓаат и канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц.