„Гемиџиите“, „Цар Самуил“ и „Димитрија Чуповски“ биле подигнати со законски прекршувања и со ненаменско трошење сретства

Прекршување на повеќе закони и ненаменско трошење сретства, утврдила работната група при Министерството за култура во трите најнови елаборати. Тие елаборати се однесуваат на спомениците на „Гемиџиите“, на „Цар Самуил“ и на „Димитрија Чуповски“.

Елаборатите за овие споменици, од јуни до сега, се доставени пред министерот за култура, Адеми. Во нив се утврдени повеќе законски прекршувања, велат од ресорното министерство.

„Во сите елаборати недвосмислено е констатирано прекршување на редица закони (за буџет, за спроведување на буџет, за меморијални споменици и спомен обележја). Законот за просторно и урбанистичко планирање и законот за заштита на културното наследство. Утврдено е и ненаменско трошење на средства“, велат од министерството.

Во трите елаборати без исклучок, работната група препорачува мерка, отстранување на споменикот и враќање на локацијата во првобитна состојба, како и покренување  соодветни постапки пред надлежните државни органи.

Бронзениот споменик на Димитрија Чуповски беше изработен во српската леарница „ Јеремиќ“. Поставен е на плоштадот Македонија во мај 2011 година. Негов автор е Мирослав Славковиќ, а инвеститор Општина Центар, која според истражувањата на БИРН, за споменикот потрошила над 140 илјади евра. Мермерната креација на Цар Самуил е авторство на Димитар Филиповски. Споменикот беше поставен на иницијатива на ресорното министерство од 2008 година, а се правеше во италијанската уметничка галерија „ Базанти“. Општина Центар се јавува како негов инвеститор , а според БИРН, за него се потрошени околу 1, 5 милион евра. А, споменикот на Гемиџиите, на брегот на Вардар, е поставен во јули 2010 година. Фигурите се направени од бронза, а излеани во Фиренца. Автор е Ангел Коруновски. Одлуката за поставување на споменикот, ја донесе Советот на Општина Центар во 2008 година, а неговата вкупна вредност според БИРН, изнесува над 1 милион и 200 илјади евра.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ