Газдите кои не исплатиле 14.500 денари плата на работниците ќе ги враќаат парите на државата

„Дали нашата фирма е на списокот на фирми кои добиле државна помош од 14.500 денари. Ние сме 70 вработени и три месеци немаме земено плата? “Изминатиот период вакви пораки редовно стигнуваа на мејлот на Телма. Конкретната компанија е ланец на казина. Телма провери и таа е на списокот – земала околу 13.000 евра државна помош за исплата на априлската плата од 14.500 денари. Но, се поставува прашањето, каде завршиле парите, ако не за плати за вработените?

Ова и низа други злоупотреби за кои реагираа работниците до сега, дополнително ќе го истражува УЈП. Од таму заедно со Трудов инспекторат ќе прават контроли во сите оние компании кои земале 14.500 денари, а на работниците не им исплатиле ништо или им префрлиле помал износ од тој што го добиле. Директорката на УЈП Лукаревска е децидна – сите газди кои не исплатиле 14.500 денари на вработените за кои побарале и добиле помош, ќе треба да ги враќаат парите назад, заедно со камата.

УЈП ќе почне со проверки за тоа дали е спроведена исплатата на  работниците кај сите компании кои добиле финансиска помош. До УЈП стигнуваат претставки за непочитување на оваа мерка. – вели Лукаревска.

Лукаревска  ги повикува работниците сите нерегуларности при исплатата да ги пријават во УЈП или во трудовиот инспекторат.

И бизнисмените велат дека има такви примери, но признаваат дека мора парите кои се добиени како субвенција од државата да се префрлат на работницвите.

Од Трудовиот инспекторат за Телма велат сите договори кои во моментов се потпишани од страна на работниците, дали под присила или не, со кои работниците добиваат пониски износи, се ништовни.

„Законски минималец е 14.500 денари, износ под кој не смее да прими плата секој кој што е вработен во земјава.“- велат од таму.

Вчера реагираше и Синдикатот. Добиле голем број поплаки од работници дека компании корисници на финансиска помош од државата од 14.500 денари по работник, преку злоупотреба на законот им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош. Тие побараа реакција од УЈП и трудовиот инспекторат. Токму контролите пак треба да покажат колку газди добиле пари од државата, но ја злоупотребиле мерката.

 

Александра Филиповска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ