
г.г. Стефан: 1000 годишниот јубилеј на Охридската Архиепископија ја потврдува вековната вистина
Одбележувањето на 1000 годишниот јубилеј на ОА е настан кој ја потврдува вековната вистина врз која се потпираат минатото, сегашноста и иднината на Македонија, истакна поглаварот Стефан на свечената академија што се одржа вечерва во катедралната црква Св. Софија во Охрид. Историјата на ОА е историја на духовна независност и сувереност на нашата земја, која за жал се уште се негира, рече г.г. Стефан, посочувајќи дека Македонија од јаболко на раздорот може да стане алка која ќе го обедини Балканот.
Малубројни се црквите кои оставиле таква трага во историјата како ОА рече митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Возобновувањето на ОА во лицето на МПЦ пред 51 година, е уште еден историски чин кој го потврдува и оправдува нејзиното постоење, рече тој.
Борбата за рамноправност на МПЦ – ОА е идентична на таа на македонската држава истакна во сворто обраќање на свеченоста премиерот Заев.
На свеченоста се обрати и претседателот на државата Иванов кој истакна дека црквата покрај историска улога има голема општествена улога, а за да ја исполни треба да црпи од традицијата на ОА.
На чествувањата на милениумскиот јубилеј на ОА, немаше високи претставници на останатите православни цркви, иако сите биле поканети во Охрид.
Чествувањата на јубилејот продолжуваат утре со црковни свечености.
Горан Момироски