
Функционерите имаат право на избор – државен стан или државни пари
Владата ја правда својата одлука да плаќа кирија за двајца министри иако во моментов 25 државни станови седат празни со постоечките законски регулативи. Законот му дозволува на функционерот, кој живее во населено место оддалечено повеќе од 100 километри од Скопје, тој самиот да избере државен стан или државни пари за кирија. За оние функционери кои живеат во градови, кои се оддалечени од 30 до 100 километри од Скопје законот предвидува само државен стан.
Од Владата тврдат дека Буџетот не претпрел никаква штета и додаваат дека ќе направат анализа и доколку е можно ќе направат некакви измени.
Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор располага со вкупно 75 државни станови. 25 од нив се празни а тоа се должи на фактот што дел од нив се во лоша состојба, вели директрот Кристијан Трајковски.
Трајковски потврди дека на неколку функционери им биле доделени станови, но тие ги вратиле бидејќи не биле задоволни од состојбата, но секогаш може да се најде друг стан во некоја од зградите со кои располага неговата институција.
Доколку функционерот одлучи да живее во државен стан тој ќе плаќа номинална кирија, од две до пет илјади денари а тоа е и една од причините поради кои државата нема пари да ги одржува или реновира становите наменети за функционери.
Од Владата соопштија и дека од јуни им доделила државни станови на 6 функционери, Садула Дураку, Хазби Лика, Нефрус Челику, Самка Имбаимовски, Бајрам Џулиовски и Марјан Коцев.
Огнен Чанчаревиќ