Француската одлука за преговори со Северна Македонија ќе ја носи лично Макрон

Нема напредок во заедничката позиција на Европската унија за одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Франција сѐ уште нема конечен став, се чека на претседателот Макрон лично.

Од Советот на ЕУ за МИА информираат дека не се донесени нови нацрт заклучоци за Северна Македонија и Албанија на денешниот амбасадорски совет во Брисел, на кој финското претседателство се надеваше дека ќе се постигне напредок во дискусијата за проширувањето.

-Утрово имаше кус преглед на позициите на сите земји членки на Унијата, вообичаено истите земји искажаа поддршка за брз старт на преговорите со двете земји, главно источните и јужноевропските држави, Холандија се покажа понаклонета кон Северна Македонија отколку кон Албанија, Белгија смета дека е важна внатрешната реформа на ЕУ, но од француска страна сѐ уште нема конечен став, велат за МИА  дипломати од западните земји присутни на состанокот.

За сега, официјално, Париз се држи до добро познатата формула дека ја “поддржува европската перспектива на земјите од Западниот Балкан“, став кој мора да запази два принципа: почитување на владеењето на правото и борбата против корупција во земјите и внатрешна реформа на Европската унија претходно.

Од Советот велат дека од Франција не се очекува да ја дефинира јасно својата позиција најрано до самиот Совет за општи работи на 15-ти октомври во Луксембург, но не е исклучено прашањето да им се остави и на лидерите на ЕУ два дена подоцна на самитот во Брисел.

-Претседателот Макрон ќе ја носи одлуката лично во име на Франција, велат дипломатите во Брисел.

Според други дипломатски извори во ЕУ, изборот да се носи одлуката на ниво на шефови на држави и влади е стратегија на Париз за справување со притисокот со кој би се соочил од страна на земјите кои ќе бараат брзо отворање на преговорите со двете земји.

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ