Франција се премислува – можен е паралелен процес на преговори за членство и реформа на ЕУ

Сигнал од Франција дека реформирањето на ЕУ и процесот на пристапување на Македонија и Албанија може да се одвиваат паралелно. Францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние денеска изјави дека Европската комисија направила сериозни работи околу реформата на методологијата врз предлозите на Париз.

„Од наша страна постои другото прашање – реформата на функционирирањето на ЕУ, бидејќи нема смисла да ве прифатиме во земја во која што нема ред. Од таа гледна точка ќе кажам дека процесите можат да се водат паралелно. Затоа што патот пред вас не е краток, но сепак тоа е и пат на наши внатрешни реформи на Унијата кој исто не е краток, но ќе се обединат, најверојатно, и мислам дека ќе треба да работиме во таа насока“, рече Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Тимони притоа рече дека плодовите од сето тоа ќе се видат многу наскоро, велејќи дека не сака да лиферува конкретни датуми, но оти се надева дека датумот е многу блиску. Сепак тој подвлече дека Франција посакува процес кој што ќе има различни етапи и со прогресивен влез во европската политика и кој ќе овоможи да се напредува според сопствен ритам и напори.

На денешната дебата посветена на перспективите и предизвиците на земјава во НАТО и во ЕУ, говореа и германскиот и италијанскиот амбасадор во Македонија, кои го повторија ставот на нивните земји дека Македонија треба да добие датум за преговори.

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео притоа рече дека неговата земја дала свои предлози за надминување проблемот во дебатата за проширувањето, при што таа има единствен услов.

„Ревизијата на методологијата на пристапувањето не смее да биде предуслов ниту да го одложи отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија“, Карло Ромео, амбасадор на Италија.

Германскиот амбасадор пак рече дека Германија се залага процесот да биде потранспарентен, но оти треба да и се понуди на Македонија јасна европска перспектива. Томас Герберих рече дека Германија сака договор во март. За земјава рече дека таа треба да ги засили реформите, а искажа и свој став за улогата на техничката влада.

„Сега имаме техничка влада чиј мандат е да спроведен демократски, слободни и фер избори, а не кампањи. Политичарите да не се однесуваат како државата да не им припаѓа на граѓаните, туку на партиите кои ги претставуваат“, Томас Герберих, амбасадор на Германија.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска побараа земјава засилено да продолжи со рефомите пред се во делот на владеење на правото, демократски институции, судски реформи, јакнење на економијата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ