
Физичките лица со промет над милион денари двојно ќе се даночат?
Истече рокот даден од УЈП, сите што оствариле вкупен промет од 1 милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници. Иако лани во ова време тогашното раководство на УЈП беше силно критикувано за ваквата идеја, управата сепак одлучи објавата да ја стави на својата електронска страница само два работни дена пред рокот за пријавување.
Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.
Законот и понатаму се чита со затворени очи децидни се даночните експерти.Со влегување на граѓаните во системот на ДДВ според дел од нив, тие за еден ист приход сега ќе бидат двојно оданочени, и со персонален данок и со ДДВ што значи дека ќе мора да се однесуваат како правно лице.
„Се повторува лошата пракса на нетранспаренто носење одредби и обврски.Јавни давачки не се уредуваат со соопштенија туку со прописи.За жал се избегнува најлесниот пат, па наместо со јасни одредби и дефиниции,да се направи усогласување и измени во законот за ДДВ, секоја година се засилува притисокот врз граѓаните.Одредбата не е променета од првиот ден на донесувањето на законот за ДДВ а главната поента е дефинирање на тоа што е самостојно вршење на стопанска дејност“ , вели даночниотен советник Павле Гацов.
Работодавачите зад новото толкување на одредбата препознаа обид на УЈП да го прошири списокот на ДДВ обврзници а тоа рекоа тие ќе ги зголеми трошоците на фирмите. Новата одредба се однесува на членови на надзорни и управни одбори во финансиски инстутуции и домашни и странски компании и за луѓе кои од авторски хонорар или договор на дело остваруваат приходи што надминуваат еден милион денари односно над 16 200 евра.Доколку лицето не се регистрирало како ДДВ обврзник глобата изнесува од 250 до 375 евра.
Виолета З Стојановска