
Фити – секое инволвирање на политиката во науката е погубно
Секое инволвирање на политиката во науката и наметнување рокови за тешки прашања со условување се некоректни за што говори и декларацијата која ја усвои бугарската Влада, смета претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.
“Целата оваа декларација која што излезе е крајно некоректна. Видете тие работи не можат да се прекршат преку ноќ. Тоа се тешки работи. Вие знаете кога пишуваа заедничка историја Франција, Германија, Полска тоа траеше со децении, 40 години. Како можеме ние за два месеца тие работи да ги разрешиме и помалку е уценувачки односот. Видете Бугарија прва не призна, но тоа е на еден начин апсурдно. Ви ја признаваат државата, а не нацијата и јазикот. Нашиот јазик е веќе признат меѓународно” – изјави Таки Фити.
Спорните прашања треба да се разрешуваат со аргументи и факти. Со мешање на политиката и политички ставови спротивни на научните во работата на македонските и бугарските историчари, членови на заедничката комисија, во овој случај прашањето за личноста и делото на Гоце Делчев само ги комплицираат нештата, смета Фити.
“Ние не треба спориме дали Гоце Делчев бил Бугарин, се декларирал како Бугарин…. имаме ваков документ или онаков. Па добро каков документ и да имал во тоа време не постоела македонска држава. Ако тогаш живееле во Софија морале така да се декларираат, што не значи дека немале национални чувства. И кај Крсте Петков Мисирков има такво декларирање, но тој ги напишал „За македонцките работи“. Има документ во кој Гоце Делчев вели дека независноста на Македонија треба да ја извојуваат самите Македонци и Македонки. Според тоа ние треба делото да го славиме, а не дали бил Македонец, дали бил Бугарин” – оцени Фити.
Двете академии, македонската и бугарската имаат извонредно добра соработка и понатаму се залагаат за концепт за изградба на Балканот како подрачје на мир, стабилност и просперитетен економски раст и развој и така треба да биде во иднина, заклучува Фити.
Нина Стефанова