
Фити: Раст од 3,2 отсто е остварлив, но во слоедните години да се направи се за стапка од 5 отсто
Стапката на раст од 3,2 отсто за годинава што ја предвидува Владата е остварлива, смета академик Таки Фити, и покрај тоа што ММФ и Светска банка ги намалија прогнозите на 2,8 и 2,3 проценти. Според него, инвестициите и личната потрошувачка, по надминувањето на политичката криза, полека почнале да растат, а сега е многу важно како ќе се држи извозот, каде има квалитативни подобрувања, благодарение на странските инвестиции во зоните. Сепак, академикот укажува дека за земјава е клучно во иднина да остварува многу повисоки стапки на раст.
„Значи, оваа стапка е остварлива. Инаку Македонија не оваа година, туку 2019 година и натаму мора да направи се да постои стапки на раст меѓу 4,5 и 5 отсто. Тоа е потенцијалот на македонската економија, ако сакаме да одиме напред… Ако ја слушавте и регионалната директорка на Светска банка, и таа кажа дека ако земјите од Западен Балкан продолжат да одат со оваа стапка на раст која сега ја имаат, од околу 2,8 отсто во просек, на Македонија ќе и требаат 60 години за да се доближиме до стандардот на граѓаните на ЕУ. Значи, основно е да се динамизира растот“, вели академик Таки Фити.
Од Институтот Фајнанс тинк, пак, сметаат дека намалените прогнози не се изненадувачки, и тие се статистичко прилагодување на стапката на раст, со оглед што земјава минатата година ја заврши со нула проценти.
За Извештајот на Европската комисија за земјава, пак, од Фајнанс тинк велат дека дава реалистична слика за македонската економија, нотирајќи одреден напредок, но тој е недоволен. Како позитивно е оценето задржувањето на макроекономската стабилност, особено во услови на политичка криза и зголемувањето на фискалната транспарентност, но власта мора да се изјасни и околу прогресивниот данок, кој беше одложен и доведе и до внатрешни несогласувања во Владата.
„Позитивно се вреднувани и напшорите за фискална консолидација, но нејзината долгорочна насока е оценета како недоволно јасна. Ова коинцидира и со несигурноста што Владата ја наметна со најавената даночна реформа„, вели Иван Вчков, економски аналитичар од Фајнанс тинк.
Владата мора да ги надмине клучните слабости, советуваат експертите, кои ги нотирала и Комисијата, а тие се високата сива економија и извршувањето на договорите, неактивноста на пазарот на труд, особено кај жените, и да работи на поврзување на домашните со странските компании, а за Планот за економски раст се вели дека има потенцијал, но за да се согледа исходот, треба да се почека неколку години.
Нина Нинеска-Фиданоска